Минатиот викенд, во Inferno Gaming Club во Скопје, се одржа уште еден возбудлив гејминг настан под името Red Inferno, организиран во соработка меѓу Red Fist Dojo, Inferno Gaming Club и Comics.mk.
Настанот беше посветен на љубителите на боречките игри, а присутните имаа можност да се натпреваруваат во Guilty Gear Strive и Tekken 5. Вкупно беа пријавени 26 играчи, од кои 10 настапија во Guilty Gear Strive, а 16 во Tekken 5. Дел од учесниците се натпреваруваа и во двете игри, менувајќи се помеѓу мечевите во текот на целиот настан.
И двете натпреварувања беа одиграни во формат double-elimination, односно двојна елиминација, што значеше дека натпреварувачите имаа и втора шанса по евентуален пораз.
Во Guilty Gear Strive, големото финале го одиграа RFD | Spades и Kris, кој до завршницата стигна преку loser-bracket. На крајот, Kris успеа да триумфира со резултати 3-1 и 3-2, освојувајќи го првото место. За победата, тој доби 1.800 денари, 3D print фигура, пехар за прво место, медалја и Red Bull.
Во Tekken 5, во grand finale се соочија RFD | Spades и Logan, кој исто така дојде од loser-bracket. Победник беше Logan, кој славеше со 3-0 и 3-1, со што го освои првото место и награди во вредност од 2.100 денари, 3D print фигура, пехар, медалја и Red Bull.
Red Inferno уште еднаш покажа дека fighting сцената во Македонија има сериозен потенцијал, ентузијазам и активна заедница. Ваквите локални настани се важни за развојот на заедницата и за создавање повеќе можности за домашните играчи да се натпреваруваат и напредуваат.
Погледнете ја галеријата:
Фото кредит: Стефан Трпески





























