Aimers се победници на првото издание на Urban Gaming CS2 LAN откако ја победија екипата на ENTiTY во финалето. Екипата од Скопје одигра тешко и интересно финале против фаворитите и така постигна уште еден успех на локалната сцена.
Aimers го започнаа финалето со доминантен настап на првата мапа, Inferno, каде што имаа одлично прво полувреме и водство од 9-3. Искуството и талентот на екипата на ENTiTY им овозможија да освојат осум рунди на CT-страната, но водството на Aimers, како и одличниот настап на connex, беа преголеми за да можат да направат пресврт.
На сличен начин се одигра и втората мапа, Dust2, но овој пат подобар почеток имаа ENTiTY. Преку одличните настапи на KiMaRR и skizzyee, ENTiTY успеа да ја изедначи серијата со победа од 13-7, со што следеше одлучувачката трета мапа.
На Ancient, Aimers го прикажаа својот одличен квалитет и освоија осум од првите девет рунди. ENTiTY вложи огромен труд за да направи пресврт, стигнувајќи и до резултат 12-10. Сепак, на 23-тата рунда беа запрени при нападот на B-сајтот, а на крајот Aimers заслужено ја освоија титулата.
Aimers, како победници на турнирот, беа наградени со 55.000 денари од наградниот фонд и златни медали. ENTiTY исто така беа наградени за нивниот настап со 15.000 денари од наградниот фонд и сребрени медали.
Во натпреварот за третото место беше поуспешна екипата на Електроват, која направи пресврт и со резултат 2-1 ја совлада Eternity. Со таа победа, Електроват освои 10.000 денари од наградниот фонд и бронзени медали.
За најдобар играч беше избран seximanjak од екипата на Aimers. Тој беше клучен дел од успехот на својот тим низ целиот турнир и заслужено беше награден со трофеј и нови периферии.
Urban Gaming CS2 LAN покажа дека македонската Counter-Strike сцена има квалитет и простор за понатамошен развој. Се надеваме дека во иднина ќе има уште повеќе вакви настани, кои ќе им овозможат на домашните екипи повеќе можности за напредок и уште поголеми успеси.
Погленете ја галеријата:

































