Македонскиот Counter-Strike бисер Дамјан “kyxsan” Стоилковски повеќе не е дел од активниот состав на Falcons, откако организацијата официјално потврди дека го става на клупа по настапот на тимот на IEM Rio 2026, каде составот го заврши турнирот на третото место. Со тоа завршува едно значајно поглавје за нашиот играч, кој во изминатиот период беше дел од еден од најамбициозните состави на светската CS2 сцена.
Во овој момент, треба да се погледне со почит кон се што kyxsan направи во дресот на Falcons. Македонскиот IGL мина 16 месеци во организацијата, откако му се приклучи во јануари 2025 година, и во тој период беше лидер на тим исполнет со големи ѕвезди и огромни очекувања.
Под негово водство, Falcons ја освои својата единствена Counter-Strike титула на PGL Bucharest, а покрај тоа стигна и до уште шест големи финалиња. Тоа можеби не е приказна со идеален крај, но е јасен доказ дека kyxsan не беше само дел од проектот, тој беше еден од клучните луѓе што го носеа тимот низ еден исклучително тежок и амбициозен период.
Самиот kyxsan по објавата порача дека моментот е незгоден, особено со оглед на тоа што Cologne Major се приближува, но и дека ја почитува одлуката на организацијата. Во истата изјава додаде дека, и покрај исходот, за него тоа сепак било добро искуство и задоволство да биде дел од тим со толкав потенцијал.
И токму тука треба да се стави акцентот: без разлика на оваа одлука, kyxsan останува едно од најголемите македонски имиња што некогаш се појавиле на светската Counter-Strike сцена. Да се биде лидер во тим како Falcons, да се работи со играчи од највисок ранг и да се носи таков притисок на најголемата сцена, не е мала работа. Напротив, тоа е потврда за квалитет, карактер и ниво до кое малкумина од нашата сцена стигнале.
Во меѓувреме, рокадата во Falcons веќе е и официјално затворена. Организацијата го потврди потписот на Финн “karrigan” Андерсен, кој пристигнува од FaZe и ќе го преземе лидерството на проектот.
Some hear sirens, we hear the beginning of a new chapter 🚨
Welcome to Falcons CS @karriganCSGO
صافرة بداية حقبة جديدة 🦅. أهلًا بالصقر الجديد#FalconsAreHere pic.twitter.com/84bQDw78We
— Falcons Esports (@FalconsEsport) April 20, 2026
И покрај оваа одлука, kyxsan веќе има оставено силен белег и во Falcons, и на светската сцена. За нас, тој останува гордост и доказ дека Македонија има играчи за највисоко ниво. Ова можеби е крај на едно поглавје, но никако не е крај на приказната, со нетрпение очекуваме да видиме каде kyxsan ќе го направи својот следен голем чекор.



