Valve претстави нов систем за продажба на Major стикери

Ангел Костоски
2 мин. читање

Valve воведе нов систем преку кој Major стикерите ќе бидат достапни почнувајќи од IEM Cologne Major 2026. Наместо да се продаваат „капсули“, играчите ќе можат слободно да купуваат стикери од нивните омилени играчи со користење на нови „токени“ кои ќе можат да се купат или да се добијат во текот на турнирот.

Овие промени се најнов обид на Valve да го намали користењето на системи кои се споредливи со игри на среќа во Counter-Strike 2. Досега Valve има воведено промени во повеќе држави кои имаат строги закони поврзани со игрите на среќа, како и нови „терминали“ кои во иднина би можеле да ги заменат кутиите.

Меѓу дополнителните промени е и потребата да се користи „x-ray“ скенер во одредени кутии, со цел играчите однапред да можат да видат што всушност се наоѓа во кутијата. Случајно или не, на 16 март Valve ги воведе токму тие промени и во Германија, а бидејќи капсулите во кои се наоѓаат Major стикерите не можат да се отвораат на ист начин, воведена е и оваа промена.

- РЕКЛАМА -

Со промената на начинот на кој ќе се продаваат стикерите доаѓа и промена во распределбата на средствата помеѓу Valve, организаторите и екипите. Од вкупната сума која ќе се дели, 5% ќе му бидат доделени на организаторот на Major турнирот, додека 45% ќе бидат распределени меѓу екипите според нивниот пласман.

Од достапните стикери, македонските еспорт симпатизери ќе имаат можност да купат стикери со потписите на kyxsan и stressarN. Иако kyxsan нема да настапува на IEM Cologne Major 2026, тој доби можност да има свој стикер во играта бидејќи беше дел од екипата на Falcons кога им беше потврден пласманот на Major.