Valve конечно ја објави и додаде новата верзија на Cobblestone за Counter-Strike 2, како и нов продажен систем за Major стикерите. Новата мапа е втората која беше додадена во 2026 година, откако Cache пристигна во првата половина од годината.
Cobblestone, првично позната како de_cbble, е омилена меѓу постарите играчи на Counter-Strike, со оглед на тоа што мапата првпат се појави во бета верзиите на оригиналната игра во 1999 година. Таа беше дел од мапите кои беа обновени за Counter-Strike: Source со излегувањето на играта, а подоцна и за Counter-Strike: Global Offensive, при крајот на 2013 година.
Од тој момент, мапата беше редовен дел од компетитивниот map pool на Major турнирите до 2019 година, кога Valve се обиде да ја обнови, но таа сепак не успеа да го привлече вниманието на играчите. Со излегувањето на Counter-Strike 2, повторно се зголеми интересот кај дел од играчите за враќање на мапата во играта со нов изглед и формат, па се очекува таа да се приклучи на компетитивниот map pool од првата сезона на 2027 година.
Со новата мапа пристигнаа и промени во продажниот систем на Major стикерите. Наместо цените на стикерите да се менуваат според побарувачката, тие сега ќе останат фиксни, со цел да се олеснат проблемите предизвикани од претходниот систем. Хартиените стикери ќе чинат по 25 „токени“, додека фолија-стикерите ќе чинат по 150, „holo“ стикерите по 800, а златните стикери ќе се продаваат за 3.000 „токени“.
Претходниот модел за продажба беше остро критикуван од страна на играчите, организациите и медиумите, бидејќи предизвика помал потрошувачки интерес за Major турнирот и намалување на средствата распределени меѓу екипите. Новиот формат би требало да биде поедноставен и подостапен за повеќето играчи, но се додека самите играчи и организации не потврдат дека нивните приходи од Major турнирот се подобрени, ќе може само да се шпекулира за ефикасноста на новиот систем.
PGL Singapore 2026 Major започнува за седум дена, а со тоа ќе започнат и дискусиите во Counter-Strike сцената во врска со тоа која мапа би требало да го отстапи своето место за Cobblestone да стане дел од компетитивниот map pool.


