Астана ќе биде домаќин на Светското еспорт првенство во 2027 година

Ангел Костоски
3 мин. читање

Казахстан ќе биде домаќин на World Esports Championship 2027, а македонската еспорт сцена со нетрпение го очекува почетокот на новиот квалификациски циклус.

Светското еспорт првенство во 2027 година ќе се одржи во Астана, Казахстан. Главниот град на Казахстан официјално ја доби организацијата на World Esports Championship 2027, еден од најголемите еспорт настани во светот организиран од Меѓународната еспорт федерација — IESF.

Договорот за домаќинство беше потпишан во Астана меѓу IESF, Министерството за туризам и спорт на Казахстан и Qazaq Cybersport Federation, со што Казахстан ја презема улогата на домаќин на следното големо светско еспорт собирање.

- РЕКЛАМА -

Според најавите, во квалификацискиот процес се очекува да бидат вклучени повеќе од 150 национални федерации, што значи дека патот до Астана ќе започне многу порано од самото светско првенство.

Токму тој пат е важен и за Македонија.

Нашата земја традиционално се очекува да биде дел од квалификацискиот циклус преку Македонската еспорт федерација. Во следниот период со нетрпение се очекуваат официјалните информации од МЕСФ, во кои игри ќе настапува Македонија, како ќе биде организиран изборот на репрезентативци и каков ќе биде патот кон регионалните квалификации.

Во разговор за ESPORTS.MK, Бобан Тотовски, Генерален секретар на IESF и претседател на МЕСФ, изрази задоволство од најавата за WEC27 и истакна дека со нетрпение го очекува новиот настап на Македонија во квалификациите. Сепак, тој нагласи дека пред фокусот целосно да се префрли кон 2027 година, важно е најпрво достоинствено да се заокружи претходниот циклус, со настапите на македонската Dota 2 репрезентација и eFootball претставникот.

За македонските играчи, ваквите циклуси се една од најголемите можности за настап на меѓународна сцена. Од национални избори, преку регионални квалификации, до борба за место на светско првенство, секој чекор носи тежина за домашната еспорт сцена.

IESF најави дека деталите за официјалните игри, распоредот, арените, билетите и квалификацискиот пат ќе бидат објавени во следниот период.

До тогаш, Астана останува големата цел за 2027 година. А за Македонија, прашањето веќе полека се отвора, во кои игри ќе го бараме патот до Светското еспорт првенство?