Скопје на 16 септември ќе биде домаќин на Генералното собрание на Европската еспорт федерација (EEF), на кое ќе се избираат нов претседател и еден член на Управниот одбор на федерацијата.
На собранието се очекуваат повеќе од 40 делегати од над 30 европски држави, кои ќе пристигнат во Македонија на 15 септември. Настанот е во организација на Македонската еспорт федерација.
Изборот на новиот претседател ќе биде главната точка на Генералното собрание, а делегатите ќе одлучуваат кој ќе ја предводи Европската еспорт федерација во следниот мандат. Во рамки на изборниот дел ќе биде избран и еден член на Управниот одбор.
Покрај изборите, на дневен ред ќе бидат и теми поврзани со работата на EEF, идните активности на федерацијата и понатамошниот развој на еспортот во Европа.
Во Скопје ќе присуствува и Влад Маринеску, претседател на Меѓународната еспорт федерација (IESF), заедно со претставници на националните еспорт федерации од целиот континент.
За Македонската еспорт федерација, организацијата на Генералното собрание претставува уште еден значаен меѓународен настан и потврда на позицијата што Македонија ја гради во европскиот еспорт.
Претседателот на МЕСФ и Генерален секретар на Меѓународната еспорт федерација, Бобан Тотовски, вели дека значењето на настанот е многу поголемо од самото одржување на собранието.
Навистина ми е драго што Македонија и Македонската еспорт федерација ја добија довербата да бидат домаќини на еден ваков важен европски настан. Фактот што во Скопје ќе се носат важни одлуки за иднината на европскиот еспорт и ќе се избира новиот претседател на EEF е големо признание за сите нас.
За мене е уште поважно што Македонија денес има свое место меѓу земјите кои имаат влијание во европскиот еспорт. Тоа не дојде преку ноќ, туку е резултат на многу работа во изминатите години.
Сакам овој настан да го искористиме не само за добра организација на едно Генерално собрание, туку и како можност да отвориме нови врати за македонскиот еспорт, за нашите играчи, клубови и за сите што се дел од оваа заедница, изјави Тотовски.
Генералното собрание е најважниот институционален состанок на Европската еспорт федерација, на кој земјите членки носат одлуки поврзани со раководството, работењето и идните активности на организацијата.
За време на престојот во Македонија, за делегатите ќе биде организирана и дополнителна програма преку која ќе имаат можност подобро да се запознаат со Скопје, како и со дел од македонската култура и гостопримство.


