Нема едноставно решение за проблемите на NAVI

Ангел Костоски
10 мин. читање

По разочарувачките порази против Legacy, M80 и G2, NAVI веќе ја започна новата сезона со огромна потреба да направи промени. Неуспехот да стигнат до плејоф фазата на IEM Cologne 2026 Major исто така негативно влијае врз екипата на украинската организација, која низ текот на првите шест месеци од 2026 година беше рангирана како втората најдобра во светот.

NAVI беше меѓу малиот број на организации кои одлучија да ја задржат сегашната екипа за време на летниот распуст, но тоа не значи дека не вложија труд за да најдат ново засилување. Тренерот на NAVI, Blad3, изјави за HLTV дека украинската организација биле во контакт со повеќе играчи, но дека тие дискусии не биле успешни и на крајот одлучиле да ја задржат поставата која заедно игра веќе една година.

Во спротивна насока реагираа повеќето организации на кои или им се појавија проблеми со сегашната постава, или им фалеше уште малку за да се борат за трофеи. Falcons, MOUZ, FUT, Legacy, G2 и Aurora беа меѓу најактивните екипи на пазарот во последните шест месеци, а меѓу сите тие организации се појавија повеќе позитивни отколку негативни резултати.

- РЕКЛАМА -

Falcons станаа Major шампиони откако се засилија со karrigan. MOUZ ја постигна својата прва титула во 2026 година по додавањето на PR и xelex. FUT стигна до финалето на Esports World Cup 2026 откако ја засили екипата со xfl0ud. Legacy станаа уште поконкурентни по додавањето на try, а G2 со засилувањето на r1nkle го кренаа врвниот потенцијал на екипата. Само Aurora направи чекор назад, а тоа сепак е резултат на транзицијата од турска во меѓународна екипа која се уште се труди да ја најде својата форма. Од таа причина, одлуката на NAVI да не направат промена, или пак одлуката да не вложат поголем труд за да донесат барем едно ново засилување, ретроспективно изгледа апсурдно.

NAVI не е која било организација во Counter-Strike. Тие се единствената организација која има освоено барем една Major титула во Counter-Strike 1.6, Counter-Strike: Global Offensive и Counter-Strike 2. Тие се најуспешната организација во историјата на Counter-Strike еспорт сцената, со 60 први места и освоени над 13 милиони евра. Низ текот на постоењето на организацијата, NAVI само еднаш пропуштија настап на Major турнир, по нивниот неуспех во украинските квалификации за World Cyber Games 2011. Тешко е да се верува дека има играч на сцената кој не би сакал да настапува за толку успешна и историска организација.

Со тоа треба да се запрашаме каде се сегашните проблеми на NAVI. Зошто екипата, која пред неколку месеци беше толку блиску до повеќе титули и која на IEM Atlanta 2026 конечно ја надмина Vitality за својот прв значителен трофеј откако се засилија со makazze, сега не може ни да ги победи екипите кои претходно не претставуваа толкава пречка? Зошто, во момент кога нивните главни ривали се жртви на изненадувачки резултати, не можат NAVI да се истакнат како најдобри?

Прво да сфатиме како NAVI влегува во секоја рунда и мапа. Добро познато е дека екипата на NAVI, под водството на Blad3, става голем фокус на нивната тактичка дисциплина и подготвеност. Кога сите елементи на нивниот план се одвиваат како што треба, тие се безгрешни и несовладливи. Тактичката игра на NAVI беше клучна за нивните две Major титули во 2021 и 2024 година, како и за периодите кога тие беа најдобрата екипа во светот.

Но што се случува кога таа тактичка игра не се одвива како што треба? Како реагираат NAVI кога треба да се адаптираат на нови околности низ текот на рундата? Во тој случај, NAVI почнуваат да наоѓаат начини да ја активираат својата ѕвезда, најчесто AWPer-от, со помош на нивната одлична група на помошни играчи.

За време на Counter-Strike 1.6, markeloff беше меѓу најдобрите играчи во светот и беше најпознат по својата агресивност и брзина. Откако markeloff ја напушти екипата во летото на 2013 година, на негово место дојде GuardiaN, кој ја изгради својата игра околу прецизноста. Во 2016 година пристигна и s1mple, кој денес е меѓу кандидатите за најдобар играч на сите времиња и ја предводеше NAVI до безброј трофеи со своите магични настапи. Откако s1mple одлучи да ја напушти екипата, NAVI нема дефинирана ѕвезда.

Недостигот на играч кој може во клучни моменти да биде конзистентен и да и помогне на екипата низ текот на рундата не беше веднаш голем проблем. Одличната тактичка подлога и добрите настапи на b1t, w0nderful и jL беа доволни кога ја освоија титулата на PGL Copenhagen 2024 Major, но сегашните негативни резултати можат директно да се поврзат со тој недостиг. Дополнително, повеќето играчи на NAVI во овој период не настапуваат на очекуваното ниво, при што makazze е најдобро оценет со просечен HLTV 3.0 рејтинг од 1.05 на натпреварите на Esports World Cup 2026 и BLAST Open Porto 2026.

Најкритикуваниот играч во сегашната екипа на NAVI е iM. Кога системот работи како што треба, iM е меѓу најпаметните играчи во однос на тоа каде да се постави за да може NAVI да ја добие рундата и серијата. Спротивно, кога системот пропаѓа, неговите механички слабости лесно се откриваат и водат до ситуации во кои Романецот предава рунди преку неговите едноставни грешки. Евидентно е низ текот на 2026 година дека слабостите на iM претставуваат огромна пречка за напредокот на екипата, но тој не е единствениот играч на NAVI кој се мачи во последниот период.

Aleksib е уште еден играч на NAVI кој долго време страда со механички пропусти, при што има постигнато само 0.81 HLTV 3.0 рејтинг низ 22 мапи во 2026 година против најдобрите екипи. Иако од IGL не може да се очекуваат одлични перформанси на секоја мапа, Aleksib е забележливо пасивен во споредба со капитените кои се проактивни низ текот на мапата или се големи мотиватори за своите играчи.

За NAVI да ја спаси својата позиција на VRS ранг-листата, ќе треба да заменат барем еден од Aleksib или iM со ново име, но сепак се соочуваат со уште три проблеми на пазарот. Првиот е тоа што NAVI ќе треба да се засили со играч, откако самата организација нема направено никаков трансфер веќе три години. Последниот пат кога NAVI потпиша нов играч беше кога пристигна w0nderful како замена за s1mple, а оттогаш единствената промена во нивната екипата беше кога jL се повлече од поставата и го промовираа makazze од нивната академија.

Неактивноста на пазарот од страна на NAVI е дел од вториот проблем. Украинската организација не може или не е подготвена да понуди подобри услови во споредба со другите организации. Играчите на FUT, кои претходно биле дел од академијата на NAVI, немаат интерес да се вратат во украинската организација бидејќи играчите сакаат заедно да настапуваат. Дополнително, играчите за кои се шпекулираше дека биле во дискусии со NAVI низ текот на летото одбраа да останат во своите сегашни екипи или да се приклучат на друг проект.

Третиот и последен проблем за NAVI се самите улоги на Aleksib и iM. Додека Aleksib е IGL на екипата, iM дополнително ја врши улогата на second caller, со што може да ја преземе рундата во случај да треба да се направи промена на планот. Токму овие две улоги се меѓу најтешките за кои може да се најде еквивалентна замена, поради големите очекувања од играчите кои ги вршат тие улоги, како и големата побарувачка за такви играчи.

Додека NAVI не ги направи потребните промени, нивната екипа ќе продолжи да лизга надолу на VRS ранг-листата, можеби и да падне до местата кои водат во втората, па и до првата фаза на PGL Singapore 2026 Major. Украинската организација треба да покаже поголема амбиција и посветеност кон својата Counter-Strike екипа ако сака да се врати на врвот, наместо само да биде дел од најдобрите екипи. Сепак, како што веќе објаснивме, NAVI не е која било еспорт организација.

ОЗНАЧЕНО: