Кои екипи треба да се следат за време на IEM Cologne Major?

Ангел Костоски
6 мин. читање

На 2 јуни ќе започне IEM Cologne 2026 Major. На таа најголема сцена ќе се сретнат 32 екипи кои ќе се борат низ три групни фази и плејофот за да се одреди најдобрата екипа на сезоната.

Иако сите екипи ќе се стремат кон освојување на титулата во Келн, нивните очекувања од турнирот значително се разликуваат. Најдобрите екипи ќе се надеваат дека ќе ја заокружат сезоната со Major титула, додека повеќето останати ќе се обидат да се прикажат во добро светло и да остварат солиден резултат низ текот на турнирот.

Оваа статија ќе служи како водич низ IEM Cologne 2026 Major, кои се фаворитите, кои екипи можат да приредат изненадување и на кои екипи им е потребен добар настап за позитивно да ја завршат оваа тешка сезона.

- РЕКЛАМА -

Фаворитите кои ќе се борат за Major титулата

Главен фаворит за освојување на Major титулата ќе биде Vitality. Француската организација ќе се надева дека ќе стане втората екипа да освои три последователни Major титули и вкупно четири Major трофеи со титулата во Келн. Тие досега освоија пет Tier-1 турнири оваа сезона, а нивната последна титула беше на BLAST Rivals Fort Worth против NAVI.

NAVI исто така припаѓаат меѓу фаворитите откако ја освоија титулата на IEM Rio. Во текот на оваа сезона тие се покажаа како втората најдобра екипа, а по победата над Vitality во Рио ќе се надеваат дека моментумот ќе биде на нивна страна.

Меѓу останатите фаворити за освојување на Major титулата се Spirit, Falcons и FURIA. Од овие три екипи, Spirit ќе влезат со најголема самодоверба по успешниот настап на PGL Astana. Falcons ќе треба да го заборават поразот од Legacy на CAC, додека FURIA, единствениот фаворит без трофеј оваа сезона, ќе се надеваат дека ќе успеат да му донесат уште една Major титула на FalleN пред да ја заврши својата играчка кариера.

„Аутсајдери“ кои можат да не изненадат

Овој Major ќе ни даде можност да гледаме уште повеќе екипи кои можат да бидат таканаречен „X-фактор“, екипи кои можеби нема да бидат во дискусија за освојување на титулата, но кои сепак можат да им создадат сериозни проблеми на фаворитите.

Сепак, треба да се почне со MongolZ, кои повторно влегуваат на Major турнир како најдобрата екипа од Азија. Монголската екипа досега не успеа да ги повтори истите успеси од периодот кога Senzu беше нивниот клучен играч. Но и покрај тоа што тој ги напушти пред седум месеци, MongolZ се уште претставуваат тежок противник кој може да урне кој било гигант во секој момент.

Како и тие, така и FUT треба да се спомнат како екипа која може да изненади. Младиот состав, кој пред една година се уште беше дел од академијата на NAVI, успеа да го прикаже својот квалитет оваа година со успехот на PGL Bucharest и солидниот настапи низ целата сезона. Играчите имаат уште многу простор за напредок, па затоа ќе се обидат да извлечат што е можно повеќе од овој турнир.

Не може да се зборува за „аутсајдери“ без да се спомне и последната екипа што освои Tier-1 титула, Legacy. Успехот на CAC нема лесно да се заборави, но покрај тој триумф треба да се истакне и квалитетот на нивниот состав, кој секогаш може да приреди неочекувана победа против најдобрите екипи.

Има уште голем број екипи кои можат да не изненадат во Келн, меѓу кои се Aurora, MOUZ, GamerLegion, BIG, Monte и екипата на нашиот репрезентативец stressarN, SINNERS.

Екипите на кои им треба добар настап

Како и секоја година, и на овој Major ќе има неколку екипи чиј успех може значително да влијае врз иднината на нивните играчи. Нема сите да имаат можност да успеат, но за некои екипи овој турнир е многу поважен отколку за други.

Првата екипа што треба да се спомне е Liquid. Последната година и пол беше исполнета со огромни разочарувања за екипа која, според квалитетот на своите играчи, би требало да биде меѓу најдобрите. Liquid со мака успеа да се квалификуваат на Major турнирот, па доколку им следи рана елиминација во Келн, тешко е да се замисли сценарио без големи промени.

Слична ситуација може да се пронајде и кај G2, кои по победата на BLAST Open London 2025 не успеаја да стигнат подалеку од четвртфинале на ниту еден Tier-1 турнир. За германската организација, добар настап во Келн ќе биде неопходен доколку планира да го задржи сегашниот состав, кој тешко напредува под водството на huNter-.

PARIVISION се наоѓа во ситуација во која им е потребен добар настап поради неконзистентните резултати по титулата на BLAST Bounty 2026 Winter. Играчите и тренерот dastan јавно ја истакнаа потребата за промени во менталитетот и во играта на екипата, па доколку дојдат до критична точка, можно е да следуваат и промени во самиот состав.

Меѓу останатите екипи кои мора да се надеваат на солиден настап се FlyQuest, кои ќе треба да прикажат повисоко ниво на игра во првата групна фаза доколку сакаат и понатаму да бидат предводници на австралиската сцена.

ОЗНАЧЕНО: