Интервју со kyxsan: Falcons, Major сонот и следниот голем чекор

Игор Недески
10 мин. читање

Од Македонија до најголемите Counter-Strike сцени во светот, Дамјан „kyxsan“ Стоилковски продолжува да биде едно од најсилните имиња што нашата сцена ги имала досега.

Содржина

Во интервју за ESPORTS.MK, kyxsan зборува за искуството во Falcons, настапот на IEM Rio, лекциите од изминатиот период, желбата за Major настап и големите амбиции кои го очекуваат во следното поглавје од неговата кариера.

Како започна твојата сериозна кариера и кога сфати дека ова може да стане нешто повеќе од игра?

Мојата кариера започна во 2021 година. Пред тоа играв многу FACEIT, различни отворени квалификации со други Македонци, исто така некои LAN и online турнири од пониско ниво. Сфатив дека се ова е сериозно кога со BLUEJAYS почнавме да освојуваме различни турнири (LAN и Online) и стигнавме до ранк бр. 30 во светот.

Како изгледаа твоите први проби и првите сериозни тимови? Колку беше тешко да се избориш за шанса на меѓународната сцена?

Мојот прв сериозен тим беше BLUEJAYS. Како што кажав, освоивме многу LAN и Online турнири и стигнавме до ранк број 30 во светот. За да се постигне ова, требаше многу време и труд. Поради тоа би кажал дека беше многу тешко да се стигне до мојот прв меѓународен тим (Apeks), особено бидејќи доаѓам од мала држава која што не е премногу позната и развиена во еспортот.

Кој момент го сметаш за првата голема пресвртница во твојата кариера, односно момент кога почувствува дека навистина припаѓаш на повисоко ниво?

Дефинитивно мојот прв Major во Париз. Кога потпишав со Apeks, целта на овој тим и организација беше да се квалификуваме за овој Major во Париз. Изгледаше многу тешко бидејќи нашиот тим во тој период беше околу 40-50 место на ранкингот. Ние бевме многу среќни со самиот факт што се квалификувавме на Major во Париз, а кога стигнавме до полуфиналето и ни требаа само неколку рунди за да играме финале, сфатив дека јас и мојот тим припаѓаме на ова ниво.

Како би го опишал твојот стил како IGL и дали има некој капитен од кој си учел или со чиј пристап би се споредил?

Не би рекол дека има некој IGL/капитен од кого сум учел. Нормално дека сум гледал некои натпревари или демоа од други играчи/тимови, но 95% од мојот стил и начин на водење доаѓа од мене. Јас сум IGL кој што сака да има структура во тимот, и тоа сакам да го балансирам со давање на слобода на моите соиграчи. Нормално дека има и многу други работи кои се важни во CS, но било кој тим што нема добра структура не може да се покаже најдобро што може.

Какво беше искуството да станеш дел од Falcons? Дали уште од почеток се чувствуваше притисок дека резултатите треба брзо да дојдат?

Беше добро чувство да станам дел од Falcons, организација која инвестира многу во CS и сака да создаде тим кој ќе биде најдобар. Кога играш за Falcons, секогаш има притисок. Ми требаше само 1 или 2 месеци во Falcons да сфатам дека тука очекувањата и притисокот се многу големи. Кога тимот игра добро и победува, ретко добива пофалби, а секој лош резултат добива премногу критики од целата CS заедница.

Од сите играчи со кои досега си настапувал, во Falcons или во претходните тимови, кој ти оставил најголем впечаток како играч? А со кого најмногу се поврза надвор од серверот?

Како играч, дефинитивно m0NESY. Премногу добар играч, кој сеуште е млад и ја има целата кариера пред себе. Сигурен сум дека во наредните години тој ќе биде постојано помеѓу најдобрите играчи во светот (топ 3 минимум), и сигурен сум дека ќе освои многу трофеи во својата кариера. Надвор од серверот, малку е тешко да се каже бидејќи сите соиграчи поминуваат многу време заедно. Ако би морал да издвојам неколку, би рекол: degster, NertZ, jL.

Дали сметаш дека тимот во Falcons доби доволно време да изгради систем и да покаже што реално може?

Мислам дека јас како индивидуалец имав доволно време во Falcons, 1 година и 3 месеци. Во овој период освоивме 1 трофеј и игравме 7 или 8 финалиња, и бевме постојано на врвот на ранкингот. Но исто така мислам дека тимот со m0NESY и kyousuke заслужуваше повеќе време. Главната причина е што во овој период од околу 9 месеци, во тимот постојано се менуваа некои работи. После неколку лоши резултати, тимот почна да го менува својот систем, тимот почнува да го менува стилот на подготовка пред натпреварите, тимот почна да го менува својот стил на игра итн. Мислам дека ова е главната причина зашто овој тим не го покажа својот максимум. За да се изгради врвен тим и систем, јас мислам дека треба време и верба во системот.

Дали чувствуваш дека ти лично доби вистинска шанса во Falcons, или периодот беше премногу краток за да покажеш што можеш како IGL?

Малку е тешко да се каже дали периодот беше краток. Временски, 1 година и 3 месеци е доволно време. Но, доколку се земе фактот дека во тимот постојано имаше промени (промена на играчи, промена на стил на играње, виза проблеми итн), би рекол дека овој тим заслужи повеќе шанси. Како што кажав, јас сум голем фан на добра структура во тимот, а тоа е тешко да се изгради кога во тимот постојано има некакви промени. Но, во секој случај, мислам дека покажав каков IGL сум јас. Falcons постојано беше на врвот на ранкингот, постојано играше Playoffs на повеќето турнири, освои 1 трофеј а имаше многу голема шанса да освои уште неколку.

Како ти беше соопштена одлуката дека ќе одиш на клупа по IEM Rio? Дали доби јасно објаснување за причините и дали тоа беше одлука на организацијата, тимот или комбинација од повеќе фактори?

Не добив премногу информации. Ова се случи истиот ден кога пристигнав во Рио, само ми беше соопштено дека ова ќе биде мојот последен турнир и дека ова е одлука на организацијата. Тоа е се.

Што беше потешко за тебе, самото ставање на клупа или тоа што нема да настапиш на Major? Какви беа твоите први чувства кога сфати дека нема да имаш можност да играш на таква сцена?

Дефинитивно ставањето на клупа. Јас ја гледав мојата иднина во Falcons долгорочно, имавме добар тим со многу потенцијал, кој ќе стане уште подобар во иднина. Секако дека сум разочаран што нема да играм на Major во Келн, но за мене Falcons беше проект во кој се гледав себе си во иднина.

Какво е твоето мислење за моменталната состојба на македонската еспорт сцена? Што најмногу недостасува за да имаме повеќе играчи на меѓународно ниво?

Би сакал еден ден Македонската еспорт сцена да биде подобра, мислам дека сеуште не е на добро ниво. Дефинитивно би помогнално доколку се инвестира во еспортот, доколку би се организирале повеќе турнири, доколку би имало неколку професионални организации, или дури и академии за помлади играчи. Но, и покрај ова, сите играчи од Македонија имаат шанса да се покажат на меѓународната сцена преку FACEIT, различни меѓународни турнири, лигите на ESEA итн.

Што следи за тебе во блиска иднина? Дали веќе има интерес, понуди или разговори, и дали можеме да очекуваме повторно да те гледаме на серверот по завршувањето на Major?

Некои организации веќе покажаа интерес, но сега е многу тешко да се каже што ќе се случи. Сите организации чекаат да заврши Major во Келн, а истото го чекам и јас. Потоа се надевам дека ќе се вратам на серверот најбрзо што можам.

На kyxsan му посакуваме многу среќа во следниот период и веруваме дека неговата приказна на светската Counter-Strike сцена е далеку од завршена. Македонија има играч на највисоко ниво, а ние со нетрпение ќе го следиме неговиот следен голем чекор.

ОЗНАЧЕНО: