Интервју со stressarN: Репрезентацијата, SINNERS и патот до Major

Игор
Од
5 мин. читање

Македонската Counter-Strike сцена продолжува да создава играчи кои оставаат трага и надвор од нашите граници. Еден од нив е stressarN, македонски репрезентативец, играч кој го носеше дресот на Македонија на IESF сцената и денес дел од интернационалниот состав на SINNERS.

Содржина

Во интервју за ESPORTS.MK, stressarN зборува за своите почетоци, репрезентативното искуство, преминот кон интернационална сцена, квалификацијата за Major и пораката до младите играчи од Македонија.

Како започна твојата Counter-Strike приказна и кога сфати дека сакаш да одиш професионално?

Мојата Counter-Strike приказна започна кога имав 6 години. Тогаш првпат започнав да играм, во тоа време беше CS 1.6. Во 2016 година се префрлив на CS:GO и од тогаш започна посериозноста. Сфатив дека имам потенцијал и можам да направам големи работи ако се фокусирам да изградам кариера. Кога дојде CS2, сè повеќе почна да ми лежи играта и еве, фала му на Бога, денеска сум таму каде што сум.

Што значеше за тебе да го носиш дресот на Македонија и да бидеш дел од македонската репрезентација?

Да се носи дресот на Македонија е огромна чест и одговорност, пред сè. Верувам дека секој сака да го носи репрезентативниот дрес. Тоа е неопишливо чувство. Да се направи резултат со својата држава е посебно чувство.

Кој момент од настапите за Македонија најмногу ти останал во сеќавање?

Најмногу ми останала во сеќавање победата против Чешка во групната фаза на IESF 2023, бидејќи тие тогаш беа во многу добра форма. Имаа доста добри играчи кои играат во добри клубови и, се разбира, дел од нив сега ми се и соиграчи во мојот тим.

Колку репрезентативното искуство ти помогна во развојот како играч и како личност?

Репрезентативното искуство ми помогна повеќе отколку што очекував, бидејќи во Романија го играв еден од првите посериозни LAN-ови. Тоа придонесе доста да се изградам како личност, да созреам и да се подобрам индивидуално како играч, се разбира.

Како го прифати преминот од домашната сцена кон интернационален тим како SINNERS?

Интернационалното ниво не е лесно како што мислат сите, се разбира. Но, за мене тоа беше доста полесно прифатено, бидејќи кога се вклопувате и се разбирате со своите соиграчи, многу полесно е за самите себе да напредувате во сите аспекти.

Што најмногу се промени во твојот пристап кон играта откако почна да играш на повисоко ниво?

Па, јас би рекол дека најмногу се подобри дисциплината. Без дисциплина е доста тешко да останеш фокусиран и да направиш големи резултати.

Како би ја опишал твојата улога во тимот и што мислиш дека е твојата најсилна страна како играч?

Мојата улога во тимот е Star Player, можам да кажам, и мојата најсилна страна се aim дуелите.

Кои се најголемите предизвици за македонски играч кој сака да се пробие на светската Counter-Strike сцена?

Најголемите предизвици се да се играат што е можно повеќе турнири и hub-ови, по можност да бидат LAN турнири. Тука најмногу можат играчите да се пробијат и да бидат видени од аналитичари и тимови. Тука можат да се пробијат и, се разбира, треба и среќа да се има.

Квалификацијата за Major е огромен момент во кариерата на секој CS играч. Кога сфати дека навистина сте таму и како го доживеа тој момент?

Неверојатно чувство. Едноставно бев пресреќен и горд на себе. Тоа ми беше сонот кога почнав да играм посериозно пред 10 години. Тоа чувство не може да се опише. Верувам дека секој играч има желба да игра на Major и да го почувствува тоа што го почувствував јас.

Што би им порачал на младите играчи од Македонија кои сакаат еден ден да играат на најголемата сцена?

Јас би им порачал на младите играчи никогаш да не се откажуваат од своите соништа. Со секојдневна напорна работа сè може да се оствари. Никогаш немојте да престанете да верувате во својата визија и верувајте дека еден ден ќе се оствари.

На stressarN му посакуваме многу среќа на Major-от и уште многу големи успеси во продолжение на неговата кариера. Како ESPORTS.MK, ќе продолжиме да го следиме неговиот прогрес, навремено да информираме за неговите настапи и, секако, повторно да комуницираме со него во иднина.

ОЗНАЧЕНО: