Вчера заврши и третата фаза на IEM Cologne 2026 Major, со која беа одредени осумте екипи кои ќе настапуваат во плејоф фазата на првиот Major турнир во 2026 година. Меѓу екипите кои обезбедија пласман се и составите на BetBoom, 9z и G2, кои на свој начин постигнаа шокантни победи или испишаа историја низ три тесни серии.
9z беше првата екипа која го потврди својот пласман на последниот ден со победа против MongolZ. Монголската екипа се надеваше дека ќе го оствари својот четврти последователен настап во плејоф фазата на Major турнир, но не успеа да ја совлада јужноамериканската постава, која можеше да се пофали со одличните настапи на dgt и luchov. За 9z, оваа победа им овозможи да станат првата екипа од Јужна Америка која ќе настапува во плејоф фаза на Major турнир без ниту еден бразилски играч во составот.
По нивниот успех следеше и оној на BetBoom, кои успеаа да ги совладаат FUT со резултат 2-0. Со оваа победа, BetBoom стана втората екипа која започнала од првата фаза на Major турнир и стигнала до плејоф фазата (по FaZe на StarLadder Budapest 2025 Major) откако беше зголемен бројот на учесници. Овој успех воедно претставува и шести настап во плејоф фаза за капитенот Boombl4, кој претходно освои Major титула со NAVI на PGL Stockholm 2021 Major.
Во последниот натпревар од третата фаза се сретнаа G2 и NAVI. NAVI беа меѓу фаворитите за титулата во Келн откако успеаа да ги совладаат Vitality на IEM Atlanta, но не успеаа да го повторат истиот успех на Major турнирот. За G2, оваа победа им овозможи настап во плејоф фазата за прв пат откако се разделија со NiKo и m0NESY, како и четврти пласман во плејоф фаза за нивниот капитен huNter-.
Меѓу останатите екипи кои го потврдија својот пласман пред последниот ден се Spirit, FURIA, Falcons, Aurora и Vitality. Сите екипи ќе добијат два дена одмор пред почетокот на натпреварите во четврток во LANXESS Arena.



