Aurora, FURIA, Spirit и Falcons ќе продолжат кон полуфиналето откако ги добија своите серии на IEM Cologne 2026 Major. Од сите екипи, само Spirit претходно има освоено Major титула, додека останатите ќе се борат за својот прв ваков успех.
Првото четвртфинале беше помеѓу BetBoom и Aurora. Неискуството на екипата на BetBoom, како и одличните настапи на XANTARES, woxic и Wicadia, беа клучни фактори во победата на Aurora од 2-0, кои успеа да ја надминат менталната пречка која им претставуваше голем проблем во повеќе плејоф фази низ различни турнири.
Натпреварот помеѓу 9z и FURIA, пак, ја покажа важноста на искуството на највисокото ниво за да се стигне до успех на најголемата сцена. Јужноамериканската екипа беше доминантна на првата мапа, но откако играчите на FURIA ги „запалија моторите“ на Mirage и Overpass, 9z не успеа да го пронајде истиот моментум и беше поразена со резултат 2-1.
Најголемото внимание во четвртфиналето беше насочено кон серијата помеѓу Spirit и G2. Spirit беа огромни фаворити против својот неконзистентен противник, но отсуството на тренер им овозможи на G2 да ги искористи слабостите на руската екипа на Overpass. Spirit успеаа да се стабилизираат на втората мапа со тесна победа на Dust2, додека на Mirage двете екипи прикажаа фантастична игра. Иако G2 имаа поголеми шанси да ја добијат серијата, Spirit не им дозволија во ниту еден момент целосно да се одлепат во резултатот и го потврдија својот пласман со победа од 25-22 на последната мапа.
Последниот натпревар беше помеѓу Falcons и Vitality. Двете екипи влегоа со спротивставени очекувања од аналитичарите, при што голем дел од вниманието беше насочено кон Vitality и прашањето дали ќе успеат да освојат трет последователен Major турнир. Двете екипи ги одиграа сите три мапи, но на крајот француската организација не успеа да го надмине својот „незгоден противник“, кој сега може да се пофали со пет победи во последните шест натпревари против Vitality.
Во полуфиналето ќе се сретнат Aurora и FURIA, додека на другата страна од брекетот ќе се одигра серијата помеѓу Falcons и Spirit. Натпреварот помеѓу Aurora и FURIA ќе започне во 15:45 часот, додека второто полуфинале е закажано за 19:00 часот, доколку нема продолженија во првиот натпревар.



