Македонија ги избра своите претставници за FIFAe World Cup 2026

Игор
Од
3 мин. читање

Македонија официјално ги доби своите претставници за претстојниот FIFAe World Cup 2026 во дисциплината eFootball Console, откако во Скопје се одржаа националните квалификации за избор на играчите кои ќе ја претставуваат државата на меѓународната сцена.

Квалификациите се одржаа во BattleNet Arena Скопје, каде настапија 5 тима, односно 10 играчи, кои се бореа за место во македонскиот национален состав. По завршувањето на натпреварите, беше дефиниран составот што ќе ја претставува Македонија во следната фаза од официјалниот FIFAe процес.

Носители на репрезентацијата се Андреј Цветковски од Велес и Антонио Стевановски од Битола, кои ќе ја предводат Македонија во претстојните меѓународни натпревари.

Како второпласирани, односно замени, се пласираа Иван Иванов и Нако Асанов. Сепак, поради приватни причини, Нако Асанов нема да биде во можност да настапи и да ги одигра натпреварите, поради што Иван Иванов за свој партнер го избра својот долгогодишен колега Давид Гаревски.

Во оваа фаза, Македонија ќе настапи во ЕвропаGroup A, каде ќе се соочи со репрезентациите на Бугарија, Хрватска, Казахстан и Полска. Токму преку овие натпревари, македонскиот тим ќе се обиде да избори пласман во следната квалификациска рунда и да го продолжи патот кон најголемата сцена.

Особено значаен аспект на овој настан е фактот што националните квалификации беа организирани во соработка помеѓу Фудбалската федерација на Македонија и Македонската еспорт федерација. Ова претставува важен чекор кон градење посилен и поодржлив екосистем, во кој традиционалниот спорт и еспортот не се гледаат како одделни светови, туку како области што можат меѓусебно да се надополнуваат и заеднички да создаваат нови можности.

Ваквата соработка има посебна вредност за идниот развој на македонската сцена, бидејќи покажува дека преку заедничка визија, координација и поддршка е можно да се создаде современ модел на работа кој ќе донесе поголема видливост, повеќе можности за играчите и посилна поврзаност меѓу традиционалните спортски институции и еспорт организациите.

Со овој чекор, Македонија уште еднаш покажува дека располага со квалитетни играчи, сериозен потенцијал и јасна амбиција за настап на меѓународната сцена. Пред нашиот национален состав следуваат нови предизвици, а ние како ESPORTS.MK навремено ќе информираме за резултатите и патот на нашата репрезентација.