Зошто нема македонски „супер тим“ во Counter-Strike?

Ангел Костоски
10 мин. читање

Во Македонија и македонскиот еспорт постои една голема желба кај публиката — можноста да се формира македонски „супер тим“ во Counter-Strike. Македонија има долга историја во Counter-Strike, од успесите на ENTiTY во 2010 и 2011 година, па се до македонската репрезентација која освои две светски првенства и ја претставуваше германската организација BLUEJAYS.

Денес, за жал, таква екипа повеќе не постои. На меѓународните турнири кои се одржуваат онлајн или офлајн, тешко може да се најдат состави што ја претставуваат Македонија, освен оние кои краткотрајно се формираат или настануваат поради замени, како што беше случајот со Partizan кон крајот на 2025 година. Недостигот од една стабилна македонска екипа претставува огромен пропуст во развојот на македонската еспорт сцена.

Во последните неколку години, македонската Counter-Strike сцена бележи огромен раст. kyxsan стана првиот македонски играч кој настапил на Major турнир со Apeks на BLAST Paris 2023 Major, а по неговиот успех следеа и CacaNito и stressarN. Истовремено, македонските таленти кои настапуваат на локалната сцена добија признание откако NucleonZ и skizzyee се приклучија на академиите на Falcons и NAVI. Да потсетиме дека пред успехот на Европското првенство во 2021 година, NENO беше единствениот познат македонски репрезентативец кој настапуваше за најдобрите екипи од Балканот, како GamePub, iNation и Valiance.

- РЕКЛАМА -

Од сите тие причини, постои огромна желба кај публиката да се формира „супер тим“ во кој би настапувале најдобрите македонски играчи. Но реалноста е дека таква екипа не може да постои додека македонската сцена се наоѓа во сегашната состојба. Во оваа статија ќе објасниме неколку од причините зошто нема, и зошто наскоро нема да има, македонски „супер тим“, како и кои чекори се потребни за во иднина да се постигне тоа.

Желбата и жртвувањето која треба од ѕвездите

За да започне каква било дискусија, прво треба да се утврди зошто по распадот на BLUEJAYS не се појавил нов обид за формирање ваква постава. Дека македонските играчи имаат интерес да играат заедно, имаат. Тие често играат FACEIT заедно кога имаат слободно време, а понекогаш и формираат ESEA постави за заеднички настапи.

Иако играчите се подготвени да играат заедно и да постигнат некаков успех, ќе мора да ги надминат финансиските и организациските пречки што би ги очекувале. За жал, македонската еспорт сцена не е доволно развиена за да поддржи „супер тим“. Последен пат се одржа македонска еспорт лига организирана од МЕСФ беше во 2022 година, додека повеќето организатори кои беа активни пред неколку години денес „мируваат“. За спонзорите да покажат интерес кон нашата сцена, најпрво ќе треба да постојат и локални турнири на кои македонските екипи би настапувале.

Во однос на организациските пречки, најпрво треба да се спомне новоформираната VRS ранг-листа, која Valve официјално ја воведе на почетокот на 2025 година. VRS ранг-листата служи како систем за одредување кои екипи ќе настапуваат на одредени турнири врз основа на нивните досегашни резултати. Накратко, системот е поставен така што најуспешните екипи континуирано патуваат на најголемите турнири, победуваат и инвестираат во своите настапи.

Реалноста е дека за денес да се формира македонски „супер тим“, би било потребно огромно жртвување од страна на играчите. Поуспешните играчи кои веќе настапуваат за организации би требало да се откажат од своите плати за да настапуваат во тим кој би започнал од самото дно на VRS ранг-листата и чиј успех не е гарантиран. Се додека не постои еспорт организација која е подготвена да вложи значителна сума пари во македонската сцена, не може да се очекува играчите да преземат толку голем ризик.

Ни Рим, ни MongolZ не биле изградени во еден ден

Голем дел од луѓето кои ја спомнуваат идејата за формирање „супер тим“ го земаат MongolZ како пример за организација која создаде екипа од една држава и успеа да се натпреварува на најголемите турнири. Тоа навистина е добар пример, но ако се спомнуваат како успешна екипа, тогаш треба да се спомнат и десетте години во кои не беа на тоа ниво.

MongolZ првпат се формираа во 2013 година, но својот прв настап во Counter-Strike го имаа во 2015 година. Во нивниот состав настапуваа едни од најдобрите играчи од Монголија во тоа време, вклучувајќи ги Machinegun, Zilkenberg и сегашниот тренер на организацијата, maaRaa. Од 2016 до 2018 година тие беа меѓу подобрите екипи во Азија и го постигнаа својот тогашен најголем успех со титулата на IEM Taipei 2016. Со таа победа се квалификуваа за MLG Columbus 2016 Major Qualifier, но не успеаја да настапат откако им беа одбиени визите.

MongolZ се распаднаа во 2019 година, откако играчите изразија интерес да бараат нови екипи, но нивната победа во Тајпеј беше почетна точка за огромниот интерес на младите генерации во монголската еспорт сцена. Организацијата се врати во 2023 година со составот на IHC Esports, кој заврши на второто место на IESF World Esports Championship 2022 по поразот од македонската екипа на BLUEJAYS. Откако се засилија со mzinho, 910 и Senzu, MongolZ почнаа континуирано да настапуваат на најголемите турнири и го освоија првиот Tier-1 трофеј за азиска екипа на Esports World Cup 2025.

Монголската еспорт сцена немаше да биде тоа што е денес без успехот на MongolZ пред една деценија. Во тој период тие беа единствената екипа од државата која можеше рамноправно да се натпреварува со TYLOO и Renegades, додека денес од Монголија произлегоа екипи како The Huns и Chinggis Warriors, кои исто така стигнаа до Major турнирите.

Сепак, постојат и огромни разлики помеѓу MongolZ и македонската екипа на BLUEJAYS. Едната екипа настапуваше за организација од сопствената држава, додека другата беше дел од германска организација. Реално, BLUEJAYS немаше поголем интерес во македонската сцена освен успехот на екипата која стигна до топ 30 на HLTV листата, па затоа по заминувањето на kyxsan и stYleEeZ не беше вложен доволен напор составот да остане заедно.

Иако по распадот на BLUEJAYS се појавија неколку играчи кои солидно се покажаа против Tier-1 екипи, македонската сцена се уште не успеала да напредува на ист начин како монголската. За да видиме слични резултати, најверојатно ќе треба да помине уште време или да се појават нови екипи кои ќе постигнат слични успеси како BLUEJAYS.

Што ни е потребно за да стигнеме до тој „супер тим“?

Ако Македонија не може да се надева дека нашите најголеми ѕвезди ќе формираат ваква постава или дека ќе се појави организација како MongolZ, тогаш што треба да се случи за да добиеме „супер тим“? Наместо да се обидуваме директно да го одговориме тоа прашање, да поставиме уште неколку други. Дали на Македонија навистина ѝ треба „супер тим“? Дали Македонија ќе стане шампион ако се формира таков тим? И кога се создаде сегашниот состав на MongolZ, дали тие уште од самиот почеток беа „супер тим“?

Секој може различно да одговори на тие прашања, но реалноста е дека за да стигнеме до нивото кое сакаме да го достигнеме, треба уште денес да почнеме да работиме на тоа нашата еспорт сцена да создаде таква екипа. Ни требаат турнири, спонзори, портали, организатори и играчи кои заедно ќе соработуваат и ќе веруваат во заедничка цел што само тие можат да ја постигнат. Не можеме да чекаме или да си дозволиме некој друг да ни постели црвен тепих, бидејќи без основен труд нема да има ниту успех во иднина.

До сегашните и идните организатори на турнири и настани, да работиме заедно. Да бидеме искрени и подготвени да споделиме непријатни вистини кога ќе се случат, за во иднина да учиме од сопствените грешки и да изградиме уште побезбедна сцена. Нека е мала нашата сцена, но ако си дозволиме нешто непосакувано да се случува, треба уште отсега да бидеме подготвени да го спречиме или корегираме.

До сегашните и идните играчи и тренери, продолжете да играте и да учите. Нека не ве бива веднаш, ниту денес, ниту утре, ниту задутре. Нема напредок без слабост што ќе ве натера да се подобрите. И на вас ќе падне одговорноста да си помагате меѓусебно, бидејќи успехот на еден Македонец е успех за сите Македонци.

До сегашните и идните аналитичари, кастери, подкастери, новинари и сите останати, продолжете да ја споделувате и градите нашата сцена. Ќе нè чекаат и успеси и неуспеси, но ќе ни требаат луѓе кои искрено ја сакаат сцената и се подготвени да вложат труд за подобра иднина.

А за сите други, се гледаме на сервер.