s1mple и BC.Game елиминирани на последно место на PGL Singapore 2026 Major

Ангел Костоски
2 мин. читање
Фото: João Ferreira / PGL

Големите очекувања на BC.Game пропаднаа како пепел. Екипата на s1mple беше елиминирана на последното место на PGL Singapore 2026 Major по поразот од монголската екипа на Chinggis Warriors.

Натпреварот започна позитивно за BC.Game, кои од негатива од 6-11 стигнаа до предност со пет последователни рунди на нивната CT-страна на Ancient. Сепак, монголската екипа создаде пресврт и ги освои последните седум рунди на мапата за да ја добие со резултат 13-11. BC.Game возврати со убедлива победа на Dust2, предводена од одличниот настап на Senzu со HLTV 3.0 рејтинг од 2.51.

На последната мапа, Nuke, Chinggis Warriors успеаја да ја заокружат серијата со победа од 13-10, откако започнаа со девет освоени рунди на T-страната. cool4st беше најдобриот играч на серверот со HLTV 3.0 рејтинг од 1.86, како и 13-1 во дуелите со AWP. Со тоа заврши настапот на BC.Game, кои сигурно ќе бидат разочарани од катастрофалниот настап во Сингапур.

- РЕКЛАМА -

Со нив ќе си заминат и DENDELE, кои беа немоќни против 9z во нивниот елиминациски натпревар. luchov и HUASOPEEK беа ѕвездите на 9z во текот на натпреварот, а екипата ќе се надева дека ќе може да постигне уште две победи.

На спротивната страна на брекетот, FlyQuest и Ninjas in Pyjamas се првите екипи кои се пласираа во втората фаза на Major-от. FlyQuest одигра тесен натпревар против Imperial на патот до победата, додека Ninjas in Pyjamas имаа полесна серија против Liquid, при што северноамериканската екипа освои само 11 рунди низ двете мапи.

Утре ќе се одиграат шест best-of-three серии, во кои нè очекуваат дуелите помеѓу M80-Eternal Fire, Lynn Vision-PARIVISION и Imperial-Liquid за пласман во втората фаза. Во меѓувреме, ќе се сретнат HEROIC-FaZe, 100 Thieves-9z и Wildcard-Chinggis Warriors во елиминациските натпревари.