Македонија ќе има двајца претставници на IEM Cologne Major 2026

GoNzElA
3 мин. читање

Македонската CS сцена ќе има силно присуство на најголемата светска сцена оваа година, откако обезбедија настап IEM Cologne Major 2026.

Дамјан “kyxsan” Стоилковски со Falcons и Јордан “stressarN” Маневски со SINNERS ќе настапат на најголемиот Counter-Strike настан во Келн.

IEM Cologne Major 2026 ќе се одржи во Келн, Германија, а според официјалниот распоред турнирот ќе се игра низ повеќе фази: Stage 1 од 2 до 5 јуни, Stage 2 од 6 до 9 јуни, Stage 3 од 11 до 15 јуни, а плејофот од 18 до 21 јуни, со вкупен награден фонд од 1.17 милиони долари.

kyxsan повторно на најголемата сцена

Falcons обезбеди директен пласман во Stage 3 преку европската VRS распределба, што значи дека kyxsan и неговиот тим ќе се приклучат на турнирот од повисоката фаза, без настап во почетните рунди.

За kyxsan, ова ќе биде шести настап на Major сцена. Според HLTV, македонскиот капитен досега има 5 одиграни Major-и, меѓу кои се BLAST.tv Paris Major 2023, PGL CS2 Major Copenhagen 2024, Perfect World Shanghai Major 2024, BLAST.tv Austin Major 2025 и StarLadder Budapest Major 2025. Најдобриот Major резултат во кариерата на kyxsan досега е 3-4 место на BLAST.tv Paris Major 2023 со Apeks.

stressarN испишува нова страница за македонската сцена

Покрај kyxsan, на IEM Cologne Major 2026 ќе настапи и stressarN, кој е дел од SINNERS. Неговиот тим го фати последниот бран во трката за Major пласман и успеа да обезбеди место на турнирот по завршницата на последните LAN настапи и VRS пресекот.

За stressarN, ова ќе биде прв настап на Major сцена. SINNERS направија силен исчекор во клучниот период пред пресекот, а важен момент во тој пат беше и титулата на BC.Game Masters Championship Season 1, со која тимот сериозно ги засили своите шанси за Major пласман.

Голем момент за Македонија

Македонија повторно е дел од Major приказната. По настапот на CacaNito на PGL CS2 Major Copenhagen 2024, сега домашната сцена добива ново големо поглавје со двајца македонски претставници на IEM Cologne Major 2026. Во прв план е kyxsan, веќе докажано име со сериозно Major искуство, а веднаш до него и stressarN, кој ќе го има своето деби на најголемата Counter-Strike сцена.