Комплетиран списокот на учесници на PGL Singapore Major 2026

Ангел Костоски
5 мин. читање
Фото: FiReSPORTS

По завршувањето на вчерашните натпревари, заврши и трката за 32 места на PGL Singapore Major 2026, одредени според VRS ранг-листата. Многу познати лица се враќаат на најголемиот турнир во Counter-Strike сцената, а меѓу квалификуваните екипи има и четири дебитанти.

Првата организација што ќе дебитира на Major е DENDELE, која пред почетокот на сезоната ја презеде екипата на Sharks. Бразилската организација, која потекнува од фудбалскиот клуб DENDELE FC од Kings League Brazil, успешно се избори за место на Major турнирот благодарение на своите успеси на јужноамериканската сцена како и победите над повисокорангирани екипи, меѓу кои FURIA на BLAST Bounty 2026 Season 2 и G2 на PGL Masters Bucharest 2026.

Втората организација што обезбеди место во Сингапур е 1win. Екипата ја започна годината под името TDK и се натпреваруваше без поддршка од организација до почетокот на август, кога 1win ја потпиша. Под знамето на обложувалницата, руската екипа се пласираше во плејоф фазата на ESL Pro League Season 24 и ја освои титулата на GLuck Moscow Cyber Games 2026. Така, 1win не само што обезбеди дебитантски настап на Major, туку и пласман во втората групна фаза.

- РЕКЛАМА -

По нив следуваше контроверзната квалификација на BCG Esports. По катастрофалниот португалски проект, поради кој паднаа од 21. на 103. место на VRS ранг-листата, организацијата го обнови својот состав, во кој веќе настапуваа s1mple и electronic, со Magisk, Senzu и mzinho. Иако новите засилувања требаше да ја стабилизираат BCG, екипата продолжеше да се мачи при пронаоѓањето на вистинската форма во квалификациите и на останатите турнири на кои настапуваа.

Поради тоа, BCG одлучи да го замени electronic со asap, со цел да искористи пропуст во правилата на VRS системот и да се квалификува преку азиската ранг-листа. По уште еден обид за искористување на истите правила, овојпат од страна на Sashi, Valve воведе нови правила со кои се забрани промена на регионот во текот на сезоната. Сепак, Valve одлучи да им дозволи на BCG да настапи во Сингапур, откако организацијата поднесе жалба.

Последната екипа што ќе дебитира на Major е 100 Thieves. Иако составот на американската организација претходно се квалификуваше за ELEAGUE Boston Major 2018, не можеше да настапи поради проблеми со документацијата на тогашните играчи. По повлекувањето од Counter-Strike сцената во октомври 2020 година, 100 Thieves одлучи да се врати со целосно нов состав, во кој се најдоа препознатливи имиња како rain и dev1ce, додека gla1ve се приклучи како тренер.

По неколку месеци исполнети со конзистентно солидни резултати, настапи на неколку Tier-1 турнири како BLAST Bounty 2026 Season 2 и Esports World Cup 2026, и пристигнувањето на Gizmy како нов капитен, 100 Thieves го потврдија својот пласман на PGL Singapore Major 2026 откако ја освоија титулата на FiRe LAST CHANCE 2026 со победата над Wildcard.

По четирите дебитанти, на Major се враќаат и неколку познати имиња. FaZe повторно ќе настапи на најпрестижната сцена по неуспехот да се пласира на IEM Cologne Major 2026, додека Eternal Fire мораше да се бори до последен момент за да го обезбеди 17. место на европската ранг-листа. Nemiga може да се пофали со одличниот настап на PGL Masters Bucharest 2026, додека Ninjas in Pyjamas, под водството на новиот капитен Krimbo, освои три последователни Tier-2 турнири и така го потврди својот пласман.

Chinggis Warriors се враќаат на списокот на учесници на Major како вториот претставник на Монголија, а со нив се враќа и Imperial по нивните високи пласмани на јужноамериканската сцена. Последната екипа што повторно ќе настапи на Major е Wildcard, која го обезбеди пласманот со освојувањето на второто место на FiRe LAST CHANCE 2026.

Комплетниот список според фаза и регион:

  • Трета групна фаза
    • Европа (6 екипи)
      1. MOUZ
      2. Vitality
      3. Aurora
      4. Spirit
      5. BETBOOM
      6. Falcons
    • Америка (2 екипи)
      1. FURIA
      2. Legacy
  • Втора групна фаза
    • Европа (6 екипи)
      1. FUT
      2. Nemiga
      3. G2
      4. 1win
      5. NAVI
      6. Astralis
    • Америка (1 екипа)
      1. MiBR
    • Азија (1 екипа)
      1. The MongolZ
  • Прва групна фаза
    • Европа (6 екипи)
      1. Ninjas in Pyjamas
      2. PARIVISION
      3. HEROIC
      4. FaZe
      5. Eternal Fire
      6. 100 Thieves
    • Америка (6 екипи)
      1. Liquid
      2. 9z
      3. M80
      4. DENDELE
      5. Imperial
      6. Wildcard
    • Азија (4 екипи)
      1. BCG Esports
      2. FlyQuest
      3. Chinggis Warriors
      4. Lynn Vision
ОЗНАЧЕНО: