На денешен ден пред 16 години го изгубивме cyx, првата македонска Counter-Strike ѕвезда

Ангел Костоски
6 мин. читање

Македонската и германската еспорт сцена денеска одбележуваат 16 години од сообраќајната несреќа во која загина Антонио „cyx“ Данилоски. Младиот талент, кој беше дел од најдобрата германска Counter-Strike екипа на сите времиња, трагично го загуби животот на 20-годишна возраст.

cyx беше роден во германскиот град Лиденшајд а имаше и македонско потекло. На 14-годишна возраст се запозна со Counter-Strike и почна редовно да ја игра со своите другари. По две години доби можност да настапува за својот прв тим и почна да патува низ Германија, натпреварувајќи се на различни локални турнири.

По некое време се приклучи на тимот на 360eSports, со кој успеа да се натпреварува против најдобрите екипи на германската сцена. По успешниот настап во ESL Pro Series Germany Season 10, доби понуда да стане дел од тимот на mousesports (денешен MOUZ) заедно со својот соиграч и IGL, gob b.

- РЕКЛАМА -

Новоформираната екипа ја започна својата приказна со цел да ја врати организацијата на врвот на германската Counter-Strike сцена, но уште на самиот почеток се соочи со повеќе пречки. Неуспешниот настап на KODE5 Netherlands 2007 и уште едно второ место во EPS Germany против локалниот ривал ALTERNATE aTTaX беа потсетник дека на mousesports им е потребна уште многу работа за постигнување на нивните цели.

По неуспешната 2007 година, пошироката Counter-Strike сцена немаше големи очекувања од оваа екипа, но веќе следната година тие покажаа дека можат да бидат меѓу најдобрите. На IEM2 World Championship тие успеаја да ја совладаат корејската екипа e-STRO во финалето и да ја освојат првата и единствена Major титула за организацијата, како и за германската Counter-Strike сцена.

Тој успех го наследија со континуирани високи пласмани на најголемите турнири, како и со доминација на локалната сцена. Од 2008 до 2010 година, mousesports освои четири меѓународни титули и пет последователни титули во EPS Germany. Тие исто така успеаја да настапат во уште четири финалиња, каде што завршија на второто место.

Кон крајот на 2009 година се појави потреба од промени во екипата по неколку неуспешни настапи, како и по шокантниот пораз во групната фаза на World Cyber Games 2009. Дополнително, договорите на играчите се приближуваа до својот крај и беше потребна нова мотивација во составот за да останат со организацијата.

Од таа причина, mousesports одлучи да го доведе roman од ALTERNAT aTTaX за да формира нов германски „супер тим“, надевајќи се дека ќе постигнат поголеми успеси во наредната сезона. Иако mousesports се прикажа како силна и сериозна екипа во 2010 година со титулата на IEM4 European Championship, не успеаа да ги победат составите на NAVI, fnatic и mTw и да остварат уште подобри пласмани.

На пат кон Шангај, каде што требаше да настапи на турнирот IEM5 Global Challenge Shanghai, cyx го пропушти својот лет. Поради тоа, се упати назад кон дома, со намера следниот ден повторно да замине на аеродромот во Франкфурт. За жал, истата вечер, на пат кон дома, доживеа тешка сообраќајна несреќа предизвикана од пукната гума и трагично го загуби животот.

По објавувањето на веста за неговото починување, mousesports се повлече од турнирот во Шангај, додека повеќето екипи што настапуваа одбраа на свој начин да се простат од својот пријател и ривал. Иако mousesports успеа да освои уште една титула во EPS Germany, играчите на крајот од сезоната одлучија да се разделат. Од последниот ростер во кој настапуваше и cyx, roman беше единствениот играч што остана во организацијата.

Во Германија, смртта на cyx често се смета за крај на „златната ера“ на локалната Counter-Strike сцена. До ден-денес, ниту една германска екипа не успеала да освои Major титула, ниту повторно да се искачи на самиот врв на Counter-Strike сцената. Најголемиот успех по тој период го постигна екипата на BIG, која на PGL Krakow 2017 Major и FACEIT London 2018 Major беше елиминирана во четвртфиналето од Immortals и NAVI.

cyx и денес често се споменува меѓу најдобрите германски играчи на сите времиња. Неговиот агресивен стил на игра беше исклучително успешен на германската сцена, а со текот на времето успеа успешно да го пренесе и на меѓународната сцена. Дополнително, неговата млада возраст и огромниот неостварен потенцијал ја отворија дискусијата дали ќе успееше да стане еден од најдобрите играчи во светот по издавањето на Counter-Strike: Global Offensive.

Неговите успеси имаа големо влијание и врз македонската еспорт сцена. Голем број играчи кои почнаа да играат Counter-Strike во тој период беа инспирирани да се натпреваруваат на локални и меѓународни турнири токму поради успесите на cyx и mousesports.

Иако поминаа 16 години од неговата смрт, локалната и меѓународната Counter-Strike сцена не ги заборавија неговото име и неговите успеси. На HLTV Awards 2024, cyx беше меѓу првите дванаесет играчи номинирани за новоформираното HLTV Hall of Fame. Иако се уште не е примен во ова престижно друштво, многумина веруваат дека и неговото име ќе го добие заслуженото место меѓу легендите на Counter-Strike.

ОЗНАЧЕНО: