
Македонската Еспорт Федерација имаше чест изминатите неколку дена да биде дел од големиот европски шампионат, European Nations Cup 2021 каде што се играа двe дисциплини Counter Strike: Global Offensive и Pro Evolution Soccer 2021.
Во периодот јуни-јули 2021 година, се одржа Прва Македонска Еспорт Лига, а победниците не претставуваа на шампионатот каде учество земаа дванаесет федерации. За прв пат во историјата на Македонската Еспорт Федерација и македонската CS:GO сцена, го освоивме златото во големото финале против силниот противник од Романија. Тие го завршија првенство без ниту еден загубен меч, а финалето го добија со резултат од 2:0.
Давид Гаревски, нашиот најдобар ефудбалер покажа солидна игра и успеа да стигне до полуфиналето на PES21 натпреварите. Полуфиналето беше против Србија, кои оваа година се најдобри во Европа и во многу тесни натпревари изгубивме со 2:0. Последниот противник на Давид на ова првенство беше Португалија во мечот за трето место. Нивниот дуел заврши со резултат од 2:1, пласирајќи го Давид на четвртото место.
Македонската Еспорт Федерација е формирана 2009-та година и е членка на Меѓународната Еспорт Федерација и на Европската Еспорт Федерација. Досега наши учесници биле дел од 15 меѓународни првенства, а ова е првото на кое освојуваме медал.