© MESF.MK

После интервјуто со kalaN ние моравме да продолжиме и со останатите пионери на професионалниот гејминг, а овој пат и со пионер на гејминг медиумите во Македонија. Уживајте!
На која возраст за прв пат беше запознаен со кантер и со гејмингот?
- Гејмингот започна многу рано некаде на 10тина години (роден 1986’та) со првите игри како Diablo I, Wacracft II, Starcraft, Quake и подоцна Half Life. Counter-Strike прв пат заиграв уште во раните верзии околу 99та, 2000та и беше живи смешки со тогашниот најпопуларен гејмплеј Hostage Rescue. Впрочем и првите турнири се играа со овој мод.
Твојата кариера како професионален CS 1.6 играч започна во simpleX па потоа продолжи во ENTiTY. Дали можеш да ни доловиш некои од твоите омилени моменти играјќи за овие две легендарни екипи?
- Дефинитивно секоја тренинг сесија пред голем евент. И во едната и во другата екипа имаше припреми од по месец дена каде буквално живеевме еден со друг и по цел ден беше демоа, гејминг, муабети, тактики и припрема. Од евентите омилени моменти ми биле, првиот евент во Парис(ESCW) каде игравме со легендарните PGS (Pentagram), fnatic итн. Каде буквално поима немавме за маус фикс, херци на монитор, 2ца немаа слушалки на евентот (општо познато беше дека кај нас играчниците спремаа опрема за евентот не играчот) и ред други работи кој беа ептен онака почетнички ама импресијата беше преголема. Други моменти што би ги издвоил беше огромниот евент на Саем организиран од Ентернет, неколкуте квалификации на плоштад и евентите низ балканов. и еден голем незаборавен момент уште во Echo тимот кога бевме на буткамп во Струга на сред лето да играме со DS(не ми текнува како се викаа тогаш) и на 3та мапа Nightmare и TrpeSK прават пауза да се оладат во Црн Дрим. CS во купаки 🙂
Кога и зошто се пензионира од професионалниот гејминг?
- Се пензионирав/повлеков од екипата бидејќи сметав дека таа 2010та година како што бевме спремни за WCG никогаш не сме биле. Летото пред евентот игравме со Na`Vi, SK Gaming, fnatic, PGS, mousesports и со сите игравме тесно и нерешено. Бевме топ спремни на ниво. Тоа и го докажавме победувајќи еден од фаворитите за освојување на евентот, Full Gaming и после тонч. Ладен туш наредниот ден или прекинат моментум од првата победа. Поразени од Шпанија и Романија, испаднавме 3ти во групата и не се пласиравме во елиминациите. Сепак има еден проблем со учество на само еден голем евент во годината а тоа е искуство на големата сцена, трема, притисок и психолошки фактор. Веднаш после WCG мислам дека бевме на два турнира последователно во Белград и ги освоивме како да сме две класи над сите играчи. Се чустуваше врвот но најдобри на балканот никогаш ама никогаш не ни било приоритет. Немајќи финансии да учествуваме на повеќе од еден светски евент искрено ме натера да си кажам доста е и се решив да се повлечам.
Во 2011 го отвори и првиот еспорт медиум во нашава држава – More2Games. Од каде идејата за медиум и зошто престанавте да објавувате содржини?
- More2Games беше еден проект произлезен од фактот дека сакав да учествувам на евентите, да помагам, да промовирам и да споделувам искуства. Го работев со близок пријател од факултет, Владимир Стојковиќ и мојот брат Горјан Огненов. Како медиум се фокусиравме главно на гејминг вести од Македонија и Балканот а потоа и пошироко кога добивме нов редизајн пред престојниот WCG 2011. Престанавме искрено бидејќи како студенти бевме со лимитиран буџет и после WCG 2011 каде имавме посетеност од преку 3000 уникатни IP адреси пробавме да најдеме партнер/спонзор за сајтот но не успеавме. Да имавме барем некаков ситен буџет за покривање на трошоците може и денес ќе бевме присутни на вебот. Сепак тоа беше едно огромно искуство и навистина ми ги отвори очите за тоа колку навистина е тешко во секој дел од тој период да се опстои од гејминг или вести поврзани со гејмингот.
Дали ја пратиш моменталната еспорт сцена во Македонија? И дали мислиш дека од моменталните екипи и играчи некој ќе го постигне тоа што simpleX и ENTiTY го имаат постигнато во нивното време?
- Моменталната еспорт сцена во Македонија не ја пратам најактивно. Последно што гледав беа онлајн мечеви и морам да кажам дека воопшто не ми се допаѓа CS:GO и имам тешкотии да останам за да изгледам цела утакмица. Не сум запознаен со тимовите но секако би сакал не само да постигнат дури и да ги надминат нашите успеси. Патот е поставен од нас пионерите и сега младите се на ред да се испотат за наредниот чекор.
Еспортот во нашава држава е во процес на официјализирање. Дали откако ќе биде официјализиран би се вратил како играч или нешто друго?
- Официјално како играч ќе се регистрирам па макар и би пукнал. Мора да го има unhcR во регистар на еспортисти во државава. А дали би се натпреварувал? Не верувам, бидејќи далеку сум од формата што бев а и сепак CS:GO е тимски спорт па би ми требало тим за да отпочнам повторно. Дај боже се да помине како што треба и што побрзо да стигнеме до официјализирање. Огромна благодарност до MESF – Македонската Еспорт Федерација и долгодишното лобирање да се реши овој проблем кој веќе стана децениски верувале или не.
Што имаш да им пренесеш на сите читатели на ESPORTS.MK и на нашите идни професионални играчи и тимови?
- На сите читатели на ESPORT.MK би сакал да им кажам: да си верувате во себе пред се, да учите од своите грешки, да бидете упорни и да верувате во успехот што сакате да го постигнете во еспортот или било кој друг дел од животот и никогаш ама никогаш да не се откажувате од вашата цел. Поздрав до сите пензионирани бумер гејмери (старции еј) како мене од нашата генерација и огромен поздрав до вас како медиум за потрошеното време за ова интервју. И за крај Б – ПЕТ – КЕЦ мадафаказ 🙂 рататата!