
После одличниот настап на Давид на European Nations Cup 2021 PES Championship каде го освои одличното четврто место, седнавме на разговор со него за неговиот настап во Националниот куп, за неговите идни планови и неговата мотивација.
Пред се би сакале да ти честитаме за одличниот настап на Националниот куп. Постина неверојатен успех за прв настап на Македонија, а воедно и твој прв настап што не е онлајн. Кажи ни каков беше твојот почеток од кога почна да се занимаваш професионално со еспорт ?
- Благодарам за поканата за интервју и исто би сакал да се заблагодарам на Македонската еспорт федерација и до Македонскиот олимписки комитет за овозможената шанса. За моите почетоци би рекол се како на сите млади, со видео игри за релаксација и забава. Но, при играње сфатив дека имам потенцијал за повеќе и за тоа пред 2 години решив да се занимавам професионално со еспорт, во овој случај со играње на PES. Еспортот бара многу дисциплина и посветеност. Моја мотивација покрај љубовта кон играта е и покажување на еспортот како релеватна спортска дисциплина како и претставување на талентот во еспортот од Македонија во најдобро светло.
Кои се твоите импресии за Европскиот Национален Куп ? Со оглед на состојбата со пандемијата како беа реализирани натпреварите ?
- Организацијата беше феноменална. Украинската федерација и асоцијацијата на фудбалот дефинитивно имаа се покриено од организација. Натпреварите беа играни на бина со ограничен број на гледачи и истотака беа емитувани на спортските телевизиски канали како и стримани на twitch платформата каде што гледаноста достигна и до 30000 гледачи. Во хотелот каде што бевме сместени игравме меѓусебно и вежбавме и тоа беше на наша иницијататива бидејќи многу добро се познававме меѓусебе веќе од минати натпревари.
Кои беа моментите кои ти оставија најголем впечаток ? Какви беа натпреварите и противниците ?
- Натпреварите беа многу тешки и тесни. Минимални работи одлучуваа за победа. Противниците беа неверојатно добро спремни. Пласманот што го освоив дефинитивно е добар, но сепак имам амбиција и за следниот натпревар ќе се спремам уште поинтензивно и сите работи што ги научив од натпреварите тука, ќе ги имплементирам со цел да се подобрам уште повеќе и да освојам уште подобар пласман. Омилени моменти беа : успехот, нормално, како и дружбата помеѓу натпреварувачите и присутниот спортски дух. Со оглед на тоа што веќе се познававме, атмосферата беше одлична.
Како се припремаше за купот ?
- Периодот беше дефинитивно исцрпувачки. Со оглед на тоа дека работам и друга работа, после неа секој слободен момент го користев за вежбање, дали тоа беа 1-2 часа или повеќе. Со оглед на цената на влогот за да се достигне успехот, секако се треба да се жртуваат некои работи. Барањето на идеален баланс е доста тешко ама не е невозможно.
Кои се твоите идни планови ?
- Моментално е на ред припремата за квалификациите за интернационалното првенство во Израел кои ќе се одржат онлајн, и ако ги поминам одам на првенството во Еилат, Израел. Моја цел е да се претставам во најдобро светло и да обезбедам топ 3 пласман, да го промовирам Еспортот како спортска дисциплина, како и да го промовирам талентот што Македонија го поседува. Планирам да се усовршувам во PES, да имплементирам повеќе часови во вежбање. Сакам да им посакам на сите кои сакаат да имаат иднина во Еспорт, имаат талент, мојот совет е да работат напорно, секогаш се трудат да бидат најдобри. Упорноста ќе се исплати.