
Американската LoL еспорт лига LCS се најде под лупата на еспортската јавност откако Cloud9 ненадејно го отпушти главниот тренер на тимот Nick “LS” De Cesare.
Cloud9 инвестираше многу за да го освежи својот LoL тим за новата сезона, тим изграден токму околу LS. Тој со себе од Кореја донесе нови играчи на бот лејнот, Kim „Berserk“ Mincheol i Kim „Winsome“ Dongkeon, а тимот брзо ја започна новата сезона со резултат од 3-1, собирајќи големи симпатии кај навивачите.
Натпреварите на Cloud9 беа најкоментирани во текот на секое коло, тимот беше на одлична нагорна патека, а доаѓањето на LS се сметаше за вистинско освежување за LCS и покрај тоа што многумина го оспоруваа неговиот тренерски квалитет.
Токму кога се чинеше дека работите се на свое место, сосема неочекувано, на неколку минути пред натпреварот со последно пласираниот CLG пристигна веста дека LS е заменет. На почетокот јавноста мислеше дека се работи за невкусна шега на Твитер профилот на Cloud9, но набрзо потоа се огласи и самиот LS која ја потврди веста.
Тој објави дека информацијата за отказот ја добил четири часа пред почетокот на петтото коло, а Cloud9 потоа загуби од Counter Logic Gaming, кој претходно беше поразен во сите четири натпревари.
Засега нема конкретни информации зошто е отпуштен LS, но мид лејн играчот на C9, Ibrahim „Fudge“ Allami во вчерашното интервју изјави дека „веројатно најдобро било двете страни да се разделат“ и дека наскоро ќе биде појаснето што навистина се случило во внатрешноста на тимот.